Матеј 3
Macedonian New Testament
3 Во тоа време, во јудејската пустина започна да проповеда Јован Крстител. Неговата порака беше: 2 „Покајте се, зашто небесното царство се приближува!“ 3 Тој е човекот што беше претскажан од пророкот Исаија со зборовите:
„Глас одекнува низ пустината, кој вели:
,Пригответе пат за доаѓањето на Господ,
исправете го патот за Него[a]!‘“
4 Јован носеше облека исплетена од камилски влакна, а околу појасот носеше кожен ремен; се хранеше со скакулци и див мед. 5 Кај него доаѓаа луѓе од Ерусалим, од цела Јудеја и од сите предели по долината на реката Јордан. 6 Тие ги исповедаа своите гревови, а тој ги крштаваше[b] во реката Јордан.
7 Но кога Јован виде дека кај него доаѓаат да се крстат и голем број фарисеи и садукеи[c], им рече: „Змиски рожби! Кој ве предупреди, та бегате од Божјиот гнев што доаѓа!? 8 Докажете[d] на дело дека навистина сте се покајале! 9 Не залажувајте се со тоа што сте потомци на Авраам, зашто, ви велам, Бог може и од овие камења да направи Авраамови потомци! 10 Божјата секира е веќе замавната и в корен ќе го пресече и в оган ќе го фрли секое дрво што не раѓа добар плод. 11 Јас ве крштавам во вода, врз основа на вашето покајание, но Оној што иде по мене е многу поголем од мене и јас не сум достоен ни сандалите да Му ги одврзам; Тој ќе ве крсти[e] со Светиот Дух и со оган. 12 Тој има лопата в раце и ќе го исчисти Своето гумно: житото ќе го собере во житните складови, а плевелот ќе го гори во вечен оган.“
Крштавањето на Исус
(Мк.1:9-11; Лк.3:21-22) 13 Во тоа време, од Галилеја дојде Исус да се крсти кај Јован, во реката Јордан. 14 А Јован го одвраќаше, велејќи Му: „Ти треба да ме крстиш мене, а не јас Тебе!“ 15 Но Исус му рече: „Така треба да биде сега, зашто ние треба да исполнуваме се што е правилно.“ Тогаш Јован се согласи и Го крсти.
16 И тукушто се крсти Исус и излегуваше од водата, наеднаш небото се отвори и Јован го виде Божјиот Дух, во облик на гулаб, како слегува и се спушти над Исус. 17 Се чу и глас од небото, кој рече: „Ова е Мојот Син - Мојот Љубимец, со Кого наполно Сум задоволен!“
Footnotes
- Матеј 3:3 Книга на пророкот Исаија 40:3.
- Матеј 3:6 Односно, ги нуркаше; на грчки: баптиѕо.
- Матеј 3:7 Фарисеите и садукеите биле две слични еврејски религиозни групи. Фарисеите биле голема партија, а садукеите малобројна. Биле фанатични за обичаите и традициите и честопати Му се противставувале на Исус.
- Матеј 3:8 Буквално: Родете род достоен за покајание.
- Матеј 3:11 На грчки: баптиѕо = нурнува, потопува; значи: Тој ќе ве нурне во Светиот Дух и во оган!
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest