Евреите 7
Macedonian New Testament
Исус е вистинскиот Првосвештеник
7 Мелхиседек беше цар на градот Шалем, а и свештеник на Севишниот Бог. Кога Авраам се враќаше од битката во која порази многу цареви, тој му излезе во пресрет и го благослови. 2 Тогаш Авраам зеде една десетина од се што заплени во битката и му го даде на Мелхиседек. Името Мелхиседек значи „Цар на правдата“. Но бидејќи „шалем“ значи „мир“, тој е значи и „Цар на мирот“. 3 Нам не ни е кажано дека тој имал татко, мајка или родословје, ниту почеток или крај на неговиот живот. По тоа е сличен на Божјиот Син и засекогаш останува свештеник.
4 Гледате колку бил голем Мелхиседек! Дури и нашиот славен предок Авраам му даде една десетина од највредното што го беше запленил во битката. 5 На свештениците, потомците на Левиј, им е заповедано во Мојсеевиот Закон да собираат десеток од народот, иако тие им се роднини, односно, потомци од Авраам. 6 Мелхиседек не беше потомок на Левиј, па сепак зеде десеток од Авраам. Потоа Мелхиседек го благослови Авраама, на кого веќе му беше дадено Божјото ветување. 7 А нема никакво сомневање дека оној што благословува е поголем од оној што го прима благословот.
8 Во случајот со свештениците, десетокот им се дава на смртници, а Мелхиседек е поголем од нив бидејќи ни е пренесено дека тој е вечно жив. 9 Иако сега потомците на Левиј се тие што земаат десеток, може да се каже дека и тие му платија десеток на Мелхиседек, преку својот предок Авраам, 10 бидејќи Левиј, иако уште не беше роден, може да се рече дека беше во телото на Авраам при неговата средба со Мелхиседек.
Стариот начин на богослужба е заменет со нов
11 Законот што му беше даден на израелскиот[a] народ се потпираше врз Левитското свештенство. Но да можеа потомците на Левиј да ја исполнат Божјата совршена намера, немаше да има потреба Бог да праќа друг Свештеник од редот на Мелхиседек, а не од родот на Арон. 12 А штом се менува свештенството, се појавува потреба да се промени и законот. 13 Ова се однесува на нашиот Господ Исус Христос. Тој произлезе од племе од кое никој никогаш не бил свештеник на жртвеникот. 14 Познато е дека нашиот Господ произлезе од племето на Јуда, а Мојсеј никогаш не го спомнал тоа племе во врска со свештенството.
Христос е вечниот Првосвештеник во наша полза
15 Да го кажеме ова уште појасно: се појави друг Свештеник, Кој е како Мелхиседек. 16 Тој стана Свештеник, не затоа што му беше потомок на Левиј, како што бараше стариот Закон, туку преку силата на животот во Него што не може да се уништи. 17 Светото Писмо за Него вели:
„Ти си вечен Свештеник, од редот на Мелхиседек“
18 Со тоа се укинува старото правило за свештенството, бидејќи беше слабо и бескорисно, 19 зашто Мојсеевиот Закон не е во состојба да направи ништо совршено. Наместо тоа, ни се дава многу подобра надеж, што може да не приближи до Бог.
20 Бог се заколна дека Христос засекогаш ќе биде Свештеник, а таква заклетва од страна на Бог немаше при назначувањето на ниту еден друг свештеник. 21 Само Исус стана Свештеник со Божја заклетва, кога Бог рече:
„Јас, Господ, ти се заколнувам и никогаш нема да се премислам: ,Ти вечно ќе бидеш Свештеник!‘“
22 Тоа значи дека заради Божјата заклетва Исус ни гарантира подобар Завет со Бог! 23 Други свештеници имаше многу, бидејќи смртта ги спречуваше вечно да останат на таа служба. 24 Но Исус нема да умре и затоа Тој вечно останува Свештеник. 25 Затоа Тој може еднаш засекогаш да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кај Бог. Тој е вечно жив и се застапува пред Бог за нив.
26 Токму таков Првосвештеник и ни требаше. Исус е свет, невин и безгрешен - поинаков од грешниците и возвишен над небото! 27 Тој не мора секојдневно да принесува жртви, како другите Првосвештеници. Тие принесуваа жртви прво за своите гревови, а потоа за гревовите на народот. Тој го стори тоа еднаш засекогаш, кога Себеси се принесе како жртва на крстот. 28 Тие што беа Првосвештеници под Мојсеевиот Закон, беа ограничени од своите човечки слабости. Откако мина времето на тој Закон, Бог со заклетва Го постави Својот Син за совршен и вечен Првосвештеник.
Footnotes
- Евреите 7:11 Буквално: на избраниот народ.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest