Дела Ап 4
Macedonian New Testament
Националните и верските водачи против апостолите
4 Додека Петар и Јован уште му зборуваа на народот, им пријдоа неколку свештеници, заповедникот на гардата во ерусалимскиот храм и неколку садукеи. 2 Тие беа многу вознемирени поради тоа што апостолите го учеа народот и, повикувајќи се на воскреснатиот Исус, тврдеа дека постои воскресение на мртвите. 3 Ги фатија и ги фрлија в затвор до следниот ден, зашто веќе беше вечер. 4 Мнозина од оние што ја слушнаа проповедта на апостолите поверуваа, па бројот на христијаните се зголеми на околу пет илјади, сметајќи ги тука само возрасните мажи.
5 Утредента се состана Народниот совет составен од сите управници, старешини и вероучители во Ерусалим. 6 Дојде Првосвештеникот Анан, дојдоа и Кајафа, Јован, Александар, како и сите други роднини на Првосвештеникот. 7 Ги доведоа Јован и Петар, ги поставија на средината, па почнаа да ги испрашуваат: „Кој ви даде право, кој ве овласти да го правите ова?“
8 Исполнет со Светиот Дух, Петар им рече: „Управници и старешини на народот! 9 Ако денес не испрашувате за доброто дело спрема сакатиот човек, ако сакате да дознаете како беше исцелен, тогаш, 10 знајте и вие и сиот израелски народ, дека човекот пред ваши очи застана на свои нозе во името на Исус Христос од Назарет, Кого вие Го распнавте, а Бог Го воскресна од мртвите! 11 Исус е Тој за Кого во Светото писмо пишува:
,Каменот што ѕидарите го отфрлија
стана Камен-темелник[a].‘
12 Под целиот небесен свод има само едно име на кое луѓето можат да се повикаат за да се спасат, а тоа е Исус Христос!“
13 Членовите на Народниот совет се зачудија кога ја видоа смелоста на Петар и Јован, зашто беше очигледно дека тие се обични, необразовани луѓе. А ги препознаа дека тие луѓе беа со Исус. 14 Но човекот што беше исцелен стоеше тука, пред нив, и тие немаа што да приговорат. 15 Тогаш им наредија на Петар и Јован да излезат надвор од собранието[b], а тие почнаа да се советуваат: 16 „Што да правиме со овие луѓе? Големо чудо се случи преку нив и тоа на сите во Ерусалим им е познато. Тоа не можеме да го порекнеме. 17 Но можеби можеме да ги запреме да го шират тоа учење меѓу народот. Да им забраниме никому повеќе да не му зборуваат за Исус!“
18 Ги повикаа апостолите внатре и им наредија ништо да не зборуваат за Исус, ниту да поучуваат во Негово име.
19 Но Петар и Јован им одговорија: „Самите проценете, дали Бог ќе се согласи повеќе да ве слушаме вас отколку Него!? 20 Не можеме да молчиме за она што го видовме и чувме!“
21 Членовите на Народниот совет им се заканија, но сепак ги ослободија. Не можеа да најдат ништо за што би можеле да ги казнат. А се плашеа дека и народот ќе крене бунт, зашто сите Го славеа Бога за чудото што се случи: 22 беше исцелен човек што повеќе од четириесет години бил сакат во нозете!
Молитва за смелост наспроти прогонствата
23 Веднаш штом беа ослободени, Петар и Јован се вратија меѓу своите пријатели христијани и им кажаа за се што им рекоа свештеничките поглавари и старешините. 24 Кога го чуја тоа, сите сложно повикаа кон Бог и рекоа: „Семоќен Господару, Создателе на небото и Земјата, на морињата и на сите суштества во нив! 25 Ти, преку Светиот Дух, го поттикна нашиот прататко Давид да ги искаже следниве стихови:
,Зошто беснеат паганските народи,
луѓето коваат залудни завери?
26 Цареви по Земјата се креваат
и владетели се здружуваат,
против Господ и против Неговиот Помазаник[c].‘
27 Токму тоа се случи овде, во овој град: царот Ирод Антипа, гувернерот Понтиј Пилат, пагани и Израелци, се здружија против Исус, Твојот свет Слуга, Кого Ти Го определи за Месија. 28 Но се што сторија тие претставува исполнување на она што го определија Твојата рака и Твојата мудрост. 29 Ги гледаш сега, Господе, нивните закани! Дај им на Своите слуги смелост да ја проповедаат Твојата порака! 30 Испружи ја раката Твоја за да исцелуваш, да даваш видливи докази, чуда да се случуваат во името на Твојот свет Слуга Исус!“
31 Штом се помолија, местото на кое беа собрани се затресе и сите се исполнија со Светиот Дух, па со смелост продолжија да ја проповедаат Божјата порака.
Христијански комуни
32 Сите што поверуваа беа толку сплотени и еднодушни, што никој од нив не зборуваше за својот имот како за лична сопственост, туку се им беше заедничко. 33 Апостолите со голема смелост сведочеа за воскресението на Господ Исус, и Бог спрема сите нив беше многу благонаклонет. 34 Меѓу нив немаше сиромаси, зашто оние што имаа ниви и куќи ги продаваа и парите од продаденото 35 им ги даваа[d] на апостолите, а тие на секого му делеа според неговите потреби.
36 На пример, Јосиф, кого апостолите го нарекоа Барнаба, односно ‚Утешител‘[e] кој беше од племето на Левиј, а родум од Кипар, 37 имаше нива, и откако ја продаде, ги донесе парите и им ги предаде на апостолите.
Footnotes
- Дела Ап 4:11 Псалм 118:22. Буквално: аголен камен, што значи најважен камен, потпорен камен, од кој зависи стабилноста на целата градба.
- Дела Ап 4:15 Синедрионот, местото каде што се одржувале собранијата на народните и верските водачи.
- Дела Ап 4:26 На грчки Христос, на еврејски Месија. Цитат од Псалм 2:1-2.
- Дела Ап 4:35 Буквално: ги оставаа пред нозете.
- Дела Ап 4:36 Буквално, Бар-наба значи Син на утехата. Веројатно тој бил посебно надарен да утешува и охрабрува други христијани.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest