Add parallel Print Page Options

ВТОРОТО МИСИОНЕРСКО ПАТУВАЊЕ

НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ

16 Павле и Сила пристигнаа прво во Дерба, а оттаму и во Листра. Таму имаше еден млад Христов следбеник по име Тимотеј. Неговата мајка веруваше во Господ. Таа беше Еврејка, а татко му беше Грк. Тимотеј уживаше голем углед меѓу верниците во Листра и Иконија. Павле реши да го поведе со себе. Заради Евреите што живееја во тој град, уреди Тимотеј да биде обрежан пред да тргнат на пат, зашто сите знаеја дека неговиот татко беше Грк. Како што одеа од град во град, им ги пренесуваа на христијаните уредбите до кои треба да се придржуваат според решението на апостолите и старешините во Ерусалим. Така црквите стануваа се посилни во верата, а и нивниот број секојдневно се зголемуваше.

Павле добива повик од Македонија

Тие патуваа низ областите Фригија и Галатија, бидејќи Светиот Дух не им дозволуваше да одат и да проповедаат во областа Азија[a]. Пристигнаа до границите на покраината Мизија и сакаа да се упатат накај покраината Битинија[b], но Духот на Исус не им дозволи. Минувајќи низ Мизија, слегоа до градот Троада.

Во текот на ноќта, Павле имаше видение: еден Македонец, стоеше пред него и го молеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“ 10 По тоа негово видение, ние[c] веднаш се упативме накај Македонија, сфаќајќи дека Бог не повикува таму да ја проповедаме Радосната вест.

2) Во градот Филипи: обраќањето на Лидија

11 Отпловивме од Троада и се упативме накај островот Самотраки, а следниот ден пристигнавме во пристаништето Неаполис. 12 Оттаму заминавме за Филипи, важен град во покраината Македонија. Тој град беше римска колонија[d]. Таму останавме неколку дена.

13 Во еден саботен ден излеговме од портите на градот покрај една река, каде што претпоставувавме дека им е местото за молитва. Седнавме и позборувавме со неколку жени што беа дојдени на тоа место. 14 Меѓу нив имаше една жена по име Лидија од градот Тијатир. Таа се занимаваше со продавање на скапоцени пурпурни ткаенини. Лидија веруваше во Бог. Додека не слушаше, Господ и го отвори срцето и таа го прифати она што го зборуваше Павле. 15 Откако таа и нејзините домашни се крстија, упорно не канеше да бидеме нејзини гости: „Ако сметате дека имам вера во Господ, дојдете и останете во мојот дом додека престојувате во овој град.“ Така не убеди и останавме.

Павле и Сила в затвор

16 Еден ден, додека одевме на тоа место за молитва, не сретна една робинка која се занимаваше со вражање, со што им носеше многу пари на своите господари. 17 Тргна по Павле и по нас, и почна да вика: „Овие луѓе Му се служители на Севишниот Бог! Тие се дојдени да ви кажат како можете да се спасите!“

18 Тоа го правеше со денови, па кога на Павле му здодеа, се сврте кон духот што ја обземаше девојката, и му рече: „Ти наредувам во името на Исус Христос да излезеш од неа!“ Во истиот час гатачкиот дух излезе од неа.

19 Нејзините господари сфатија дека згасна нивниот извор на приходи, па ги фатија Павле и Сила и ги одвлечкаа на пазариштето, пред градските власти. 20 Ги изведоа пред судиите и почнаа да викаат: „Овие Евреи го вознемируваат целиот град! 21 Тие проповедаат обичаи кои за нас, Римјаните, се неприфатливи!“

22 Против Павле и Сила веднаш нагрвали толпа народ, а судиите наредија да им ги соблечат горните облеки и да ги тепаат со стапови. 23 Откако сурово ги претепаа, ги фрлија в затвор и му наредија на чуварот добро да внимава на нив. 24 Чуварот ја спроведе наредбата, ги фрли во најдлабокиот дел од затворот и им ги стегна нозете во пранги.

25 Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. 26 Одеднаш силен земјотрес ги измести темелите на затворот; сите врати се отворија и прангите на сите затвореници им паднаа од нозете. 27 Чуварот се разбуди и кога виде дека вратите на затворот се отворени, го извади мечот за да се убие, мислејќи дека затворениците избегале. 28 Тогаш Павле силно викна и му рече: „Немој да се убиваш! Сите сме овде!“

29 Чуварот побара ламба и влезе внатре треперејќи, па клекна пред Павле и Сила. 30 Ги изведе надвор и им рече: „Господа, што треба да сторам, за да се спасам?“ 31 Тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус и ќе бидете спасени ти и твоите домашни!“ 32 Потоа тие нему и на сите што беа во неговиот дом им проповедаа за Господ, 33 а тој, уште ноќта, им ги изми раните и не чекајќи ниту миг беше крстен, и тој и сите негови домашни. 34 Ги одведе горе, во својата куќа, постави пред нив трпеза, па тој и сите негови домашни многу се радуваа што поверуваа во Бог.

35 Кога се раздени, градските судии испратија службеници да му речат на чуварот: „Ослободи ги тие луѓе!“ 36 Чуварот му ги пренесе овие зборови на Павле: „Судиите ми наредија да ве ослободам, затоа слободно одете си.“

37 Меѓутоа, Павле им одговори: „Ние сме римски граѓани, а властите наредија јавно да не тепаат, без да ни се суди. Потоа не затворија. Зар сега сакаат тајно да не ослободат? Не може така! Нека дојдат судиите и тие лично нека не ослободат!“

38 Службениците им ја пренесоа на судиите пораката, а овие, кога дознаа дека Павле и Сила се римски граѓани, се уплашија. 39 Дојдоа, им се извинија, ги извадија од затворот и ги молеа да го напуштат градот. 40 Кога излегоа од затворот, Павле и Сила отидоа во домот на Лидија за да се видат со христијаните и да ги охрабрат, а потоа отпатуваа.

Footnotes

  1. Дела Ап 16:6 Фригија, Галатија и Азија биле покраини кои денес се во Турција.
  2. Дела Ап 16:7 Мизија и Битинија биле покраини кои денес се во Турција.
  3. Дела Ап 16:10 Тука на Павле му се приклучува Лука, писателот на оваа книга.
  4. Дела Ап 16:12 Македонија во тоа време била покраина во Римското царство, а неколку поважни градови во неа имале статус на колонии, што значи дека во нив власта не била од локалното население, туку била во рацете на службеници од Рим.