Add parallel Print Page Options

Знакот на Месијата

(Мк. 8:11-13; Лк. 12:54-56) 16 Еден ден кај Исус дојдоа некои од фарисеите и садукеите, со намера да Го искушаат, и побараа од Него да им покаже некој чудотворен знак од небото. Исус им одговори: „Кога небото е црвено на квечерина, вие велите: ,Времето ќе биде убаво!‘ Кога небото е црвено и заматено наутро, велите: ,Денес ќе има невреме!‘ Значи, изгледот на небото знаете да го протолкувате, а знаците на Моето време не умеете да ги препознаете! Само грешни и безбожни луѓе бараат чудотворен знак, но ним нема да им биде даден никаков друг знак, освен знакот[a] на пророкот Јона!“ Потоа Тој ги остави и си замина.

Лажното учење споредено со квасец

(Мк. 8:14-21) Подоцна, кога учениците на Исус се упатија кон спротивниот брег на езерото, беа заборавиле да понесат леб. А токму тогаш Исус им говореше: „Чувајте се од квасецот на фарисеите и садукеите!“[b] Учениците почнаа да си шепотат меѓу себе: „Ова го зборува затоа што заборавивме да понесеме леб!“ Исус, пак, знаејќи за што шепотат, им рече: „Зошто разговарате за лебот што сте го заборавиле? Колку малку вера имате! Зар уште не разбирате? Заборавивте ли веќе колку кошници ви преостанаа, кога со пет леба нахранив повеќе од пет илјади души? 10 И колку кошници собравте од седумте леба со кои нахранив четири илјади души? 11 Како не сфаќате дека не зборував за леб, кога ви реков: ,Чувајте се од квасецот на фарисеите и садукеите‘!?“ 12 Дури тогаш сфатија дека не им вели да се чуваат од квасец за леб, туку од она што го проповедаат фарисеите и садукеите.

13 Пристигнувајќи во околината на градот Цезареја Филипова, Исус ги запраша Своите ученици: „Што велат луѓето за Мене, Синот Човечки?“ 14 А тие одговорија: „Едни велат дека Си Јован Крстител, други дека си пророкот Илија, а трети дека Си пророкот Еремија или еден од пророците.“ 15 „А за кого Ме сметате вие?“- ги праша Исус. 16 Симон Петар прв се произнесе:

„Ти Си Месијата[c] - Синот на живиот Бог!“ 17 Тогаш Исус му рече: „Ти си благословен, Симоне, сине Јованов! Зашто ова сознание не ти е објавено од човек[d], туку од Мојот небесен Татко! 18 Затоа Јас ти велам: ,Ти си Петар‘ (што значи ,карпа‘), и врз оваа карпа Јас ќе ја изградам Мојата Црква, така што ни адските порти не ќе можат да го запрат нејзиниот пробив! 19 И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство: тоа што ќе го затвориш на Земјата ќе биде затворено и на небесата; а тоа што ќе го отвориш на Земјата, ќе биде отворено и на небесата.“ 20 Потоа им заповеда на Своите ученици никому да не кажуваат дека Тој е Месијата.

Исус првпат ја најавува Својата смрт

(Мк. 8:31 - 9:1; Лк. 9:22-27) 21 Оттогаш Исус почна отворено да им кажува на Своите ученици дека Тој ќе мора да оди во Ерусалим и дека таму ќе претрпи многу од старешините, од високото свештенство и од вероучителите, и дека ќе биде убиен, но по три дни ќе воскресне.

22 Петар, пак, го тргна настрана и почна да го одвратува, велејќи: „Никако, Господе! Тоа не смее да се случи со Тебе!“ 23 А Исус му се заврте и му рече: „Бегај од Мене, Сатано! Се обидуваш да Ми го попречиш патот; зашто тоа што го велиш е човечко размислување, а не Божјо!“

24 Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Тој што сака да стане Мој следбеник треба да се откаже од своите себични амбиции, да си го понесе својот крст и да тргне по Моите стапки. 25 Зашто, секој што сака да си го чува животот[e] само за себе - ќе го загуби; а кој ќе го даде животот за Мене - пак ќе си го најде. 26 А каква ќе му биде ползата на човекот, ако и сиот свет го добие, а својата душа ја загуби!? Има ли нешто повредно од твојата душа?

27 Кога Јас, Синот Човечки, ќе дојдам во сета слава на Мојот небесен Татко, во придружба на светите ангели, тогаш ќе му платам на секого според неговите дела. 28 Ве уверувам дека меѓу вас има некои кои нема да умрат додека не Ме видат Мене, Синот Човечки, како доаѓам во Своето царство!“

Footnotes

  1. Матеј 16:4 Спореди со Мт. 12:39.
  2. Матеј 16:6 Појаснувања за нив има во Мт. 3:7 и 9:34.
  3. Матеј 16:16 Или: Христос. Види Мт. 1:16.
  4. Матеј 16:17 Буквално: од тело и крв.
  5. Матеј 16:25 Во грчкиот текст: психе, што значи душата. Исто и во наредниот стих.