Add parallel Print Page Options

3) Павле и Барнаба проповедаат во Иконија

14 Павле и Барнаба влегоа заедно во синагогата во градот Иконија и проповедаа со таква сила, што голем број и Евреи и неевреи ја прифатија христијанската вера. Но оние Евреи што не поверуваа, ги подбуцнуваа луѓето од другите народи да не ги слушаат Павле и Барнаба. И покрај тоа, апостолите долго време останаа таму и смело зборуваа за Господ, а Господ им даваше сила да прават чуда и видливи докази, поткрепувајќи ја така веродостојноста на пораката за Неговата огромна благонаклоност. Народот во градот беше поделен. Едни беа со Евреите - противници, а други со апостолите.

Кога работата дојде дотаму, што противниците меѓу Евреите и меѓу другите народи, предводени од своите водачи, решија да ги нападнат и да ги каменуваат, апостолите избегаа кон областа Ликаонија, накај градовите Листра, Дерба и околните села. Таму продолжија да ја проповедаат Радосната вест.

4) Павле и Барнаба во Листра: од обожавање до каменување!

Во градот Листра имаше еден човек со заболени нозе. Беше сакат во нозете уште од раѓање, постојано седеше и никогаш не беше проодел. Додека апостол Павле проповедаше, тој човек слушаше. Павле го забележа и кога виде дека во него има вера за да биде исцелен, 10 гласно му рече: „Стани, исправи се на своите нозе!“ Човекот скокна и прооде!

11 Кога луѓето видоа што направи Павле, почнаа силно да извикуваат, на ликаонски говор: „Боговите зеле човечки тела и слегле кај нас!“ 12 Почнаа Барнаба да го викаат Зевс, а Павле - Хермес, зашто тој беше главниот говорник. 13 Свештеникот во храмот на Зевс, кој се наоѓаше пред градот, доведе бикови, донесе венци од цвеќиња пред градските порти и заедно со целиот народ сакаше да им принесе жртви на апостолите.

14 Кога слушнаа за ова апостолите Барнаба и Павле, ги раскинаа[a] своите наметки и потрчаа накај народот, викајќи: 15 „Луѓе, што правите!? И ние сме обични луѓе, како вас! Сакаме да ви објавиме Радосна вест: оставете ги овие безвредни обреди и свртете се кон Живиот Бог! Тој ги создаде небото и Земјата, морето и се што е во нив! 16 Во минатото, Тој им дозволи на сите народи да одат по сопствените патишта. 17 Сепак никогаш не ги остави без сведоштво за Себеси, правејќи за нив добродетелства, давајќи им дожд и плодни годишни времиња, давајќи им храна и исполнувајќи ги нивните срца со радост.“ 18 Дури и откако им го рекоа ова, одвај ги убедија луѓето да не им принесуваат жртви.

19 Тогаш од Антиохија и од Иконија пристигнаа неколку Евреи, кои го подбуцнаа народот да го каменуваат Павле. Потоа го исфрлија надвор од градот, сметајќи го за мртов. 20 Но кога тамошните христијани се собраа околу него, тој стана и се врати во градот. Утредента Павле и Барнаба заминаа за Дерба.

Довршување на првото мисионерско патување: Павле и Барнаба се враќаат во сириска Антиохија

21 Откако во тој град ја проповедаа Радосната вест и придобија многу следбеници, апостолите Павле и Барнаба се вратија најпрвин во Листра, а потоа и во Иконија и писидиска Антиохија[b], 22 за да ги охрабрат Христовите следбеници, давајќи им поттик да истраат во верата, учејќи ги дека пред да втасаме во Божјото царство ќе треба да минеме низ многу неволи. 23 Во секоја црква поставија старешини, откако постеа и се молеа, а потоа ги предадоа во рацете на Господ, во Кого поверуваа, Тој да се грижи за нив.

24 Потоа преку Писидија се вратија во областа Памфилија. 25 Уште еднаш проповедаа во Перга, а оттаму заминаа за Аталија 26 откаде со брод се вратија во сириска Антиохија[c], град од којшто и го започнаа првото мисионерско патување, со доверба дека Божјата благонаклоност ќе ги води во извршувањето на работата. Таа задача сега беше успешно завршена.

27 Кога пристигнаа во Антиохија, ја собраа целата црква, им раскажаа за се што Бог направи преку нив, и како и на нееврејските народи им ја отвори вратата на верата. 28 Тука останаа подолго време со тамошните христијани.

Footnotes

  1. Дела Ап 14:14 Во знак на силна вознемиреност и жал. Луѓето го правеле тоа кога тагувале, се каеле или биле потресени.
  2. Дела Ап 14:21 Во покраината Писидија. Види ја фуснотата за стих 26.
  3. Дела Ап 14:26 Во областа Сирија, зашто град со исто име имало и во областа Писидија (дел од денешна Турција).