Матеј 9
Macedonian New Testament
Исус исцелува парализиран човек
(Мк. 2:1-12; Лк. 5:17-26) 9 Качувајќи се на бротчето, Исус одново отплови преку езерото и се врати во својот град Кафарнаум. 2 Таму луѓето Му донесоа на носила еден парализиран човек. Кога Исус ја виде нивната вера, му се обрати на парализираниот: „Не плаши се, синко, гревовите ти се простуваат!“ 3 Тогаш, некои вероучители си помислија во себе: „Овој човек е богохулник!“ 4 Исус, пак, проѕирајќи им ги мислите, рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли? 5 Што е полесно да се каже: ,Гревовите ти се простуваат‘ или ,Стани и оди!‘? 6 Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт овде на Земјата да простувам гревови!“ Тогаш му се обрати на парализираниот и му рече: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ 7 Човекот стана и оздравен си отиде дома. 8 Кога го виде ова, народот го обзеде страв, па Му оддаде слава на Бога, што им пратил човек со ваква моќ.
Повикувањето на Матеј за апостол
(Мк. 2:18-22; Лк. 5:33-39) 9 Заминувајќи си оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи на тезгата за собирање данок и му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Матеј стана и тргна по Него. 10 Подоцна, за време на вечерата во куќата на Матеј, на Исус и на Неговите ученици на трпезата им се придружија голем број наплатувачи[a] на данок и жигосани грешници. 11 Го забележаа тоа некои од фарисеите[b] и им приговорија на Исусовите ученици: „Зошто вашиот учител јаде со наплатувачи на данок и со грешници!?“ 12 Исус ги чу, па им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните! 13 Одете и научете се што значи напишаното во Светото Писмо:
,Сакам да покажувате милост, а не да Ми принесувате жртви[c]!‘
Јас не дојдов да ги повикам ,праведниците‘, туку грешниците.“
За постот
(Мк. 2:18-22; Лк. 5:33-39) 14 Еден ден, кај Исус дојдоа учениците на Јован Крстител и Го запрашаа: „Зошто ние и фарисеите често постиме, а Твоите ученици воопшто не постат?“ 15 Исус им одговори: „Зар сватовите треба да тагуваат додека е со нив младоженецот? Но еден ден младоженецот ќе се оттргне од нив; тогаш тие ќе постат.“
16 „Никој не крпи стара облека со нова крпа, зашто новата крпа ќе се собере и ќе направи уште поголема дупка. 17 Ниту пак некој става ново[d] вино во стари кожни мешини, зашто мешините ќе пукнат и виното ќе истече, а и мешините ќе пропаднат. Затоа, ново вино се става во нови мешини, па така и двете ќе се запазат.“
Исус воскреснува и исцелува
18 Додека Исус говореше, еден еврејски началник на синагогата дојде кај Него, клекна на колена и Му рече: „Тукушто ми умре ќерката; дојди и положи ја Својата рака врз неа и таа ќе се поврати во живот!“ 19 Исус стана и тргна по него, заедно со Своите ученици.
20 А една жена, која дванаесет години боледувала од незапирливо крвавење, Му се приближи на Исуса одзади и допре едно крајче од Неговата облека, 21 бидејќи во себе си велеше: „Само да ја допрам Неговата облека и ќе оздравам!“ 22 Исус се сврте, ја погледна и и рече: „Не плаши се, ќерко, ти оздраве врз основа на твојата вера.“ Во истиот миг, жената оздраве.
23 Потоа, Исус пристигна во куќата на началникот. Кога ги виде погребните музичари и избезумените луѓе, 24 им рече: „Тргнете се, зашто девојката не е мртва, туку спие!“ А тие Му се подбиваа. 25 Кога луѓето излегоа надвор, Исус влезе, ја фати девојката за рака и таа стана. 26 За ова чудо се разгласи по целиот крај.
Исус исцелува двајца слепи
(Мт. 15:22; 20:30; Мк. 10:47; Лк. 18:38) 27 Кога Исус си заминуваше оттаму, по Него идеа двајца слепи, викајќи на сиот глас: „Смилувај ни се, сине Давидов!“ 28 Кога влезе во куќата, двајцата слепи Му пристапија, а Исус ги запраша: „Верувате ли дека можам да ве излекувам и да прогледате?“ Тие Му одговорија: „Да, Господе!“ 29 Тогаш Тој им ги допре очите и им рече: „Нека ви биде според вашата вера!“ 30 И тие наеднаш прогледаа. А Исус најстрого им забрани никому да не му кажуваат за ова. 31 Но кога тие си заминаа раширија глас за Него по целиот крај.
Исус исцелува нем човек
(Лк. 11:14-15) 32 Додека тие си заминуваа, на Исус Му донесоа еден нем човек, кој беше обземен од демонски дух. 33 Штом Исус го ослободи од демонскиот дух, човекот проговори; сите се чудеа и зборуваа: „Вакво нешто досега не сме виделе во Израел!“ 34 А фарисеите[e], пак, велеа: „Тој изгонува демони затоа што поглаварот на демоните е во Него!“
Христовата сочувствителност спрема загубениот народ
35 Исус одеше по сите градови и села и поучуваше по синагогите, ја проповедаше Радосната вест за Божјото царство и исцелуваше луѓе со секакви болести и заболувања. 36 Гледајќи го народот, душата му беше полна со сочувство, бидејќи луѓето беа збунети и беспомошни како овци без пастир. 37 Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а жетвари има малку. 38 Молете Го Господ во Чија надлежност е жетвата, да испрати повеќе жетвари да ја соберат жетвата од Неговата нива.“
Footnotes
- Матеј 9:10 Види ја белешката во 5:46.
- Матеј 9:11 Види ги белешките во 3:7 и во 5:46.
- Матеј 9:13 Цитат од старозаветната книга Осија 6:6. Види и Михеј 6:6-8.
- Матеј 9:17 Новото вино ферментира, при што се ослободуваат гасови кои создаваат притисок. Во тоа време виното се чувало во кожни мешини (мевови).
- Матеј 9:34 Фанатична еврејска религиозна секта, доминантна во тоа време, поборничка на Мојсеевиот Закон и еврејските обичаи. Многу често Му се противставувале на Исус и на Неговото учење и сакале да Го убијат.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest